Monday, November 17, 2014

Отворено писмо до властите на С.Р. Германија во врска со спорот за името

Почитувани,
С.Р. Германија веќе подолг период игнорантски ги посматра барањата на Р. Грција за промена на името на нашата татковина Р. Македонија. Германската надворешна политика е во насока на постојано укажување на потребата од компромис во спорот за името на нашата земја кој што Р. Грција ни го има наметното, односно од потреба да го смениме името на нашата земја што за нас како Македонци е најголем тип на навреда.

Ние како граѓани на Р. Македонија сакаме да истакнеме дека евентуална промена на името на земјата во која што живееме за нас ќе значи своевиден геноцид, лишување од историја со која што толку многу се гордееме и губење на основното обележје кое што нè прави она што сме - Македонци. Ве уверуваме дека никогаш и под никакви услови нема да се согласиме со промена на името на нашата земја, па затоа како политичари и функционери на С.Р. Германија направете напори, политиката на С.Р. Германија кон нашата земја да не биде на истата страна како грчките барања за уништување на сè она што е македонско.

Замислете дали доколку некој од вас побара да го промените името на вашата земја Германија вие самите би се согласиле. Секако дека не. Барањата кои што нашиот јужен сосед ги поставува се неаргументирани, апсурдни и максималистички и никој здраворазумен човек не би се согласил со нив. Затоа спорно е зошто надворешната политика која С.Р. Германија ја има по однос на ова прашање е инсистирање на прифаќање на компромис, односно промена на името на нашата земја.

Промовирајќи идеи за компромис, кој што би требало да го направиме во врска со нашиот идентитет, нема да донесе никаков позитивен резултат ниту за Р. Македонија ниту за С.Р. Германија. Ние, граѓаните на Македонија, никогаш нема да се согласиме со примена на името на нашата земја исто како што и вие не би се согласиле на промена на името на вашата земја. Повиците за компромис кои С.Р. Германија ги испраќа кон Р. Македонија можат да бидат само во взаемна штета, односно во функција на нарушување на пријателството меѓу македонскиот и германскиот народ. Македонците немаат никакви отворени прашања со Германците, но исто така не гледаат со благонаклоност кон оние кои што застануваат зад геноцидните и спротивни на меѓународното право барања исто како што и вие Германците не би гледало благопријатно кон нас Македонците доколку од вас побаравме да го промените името на вашата земја.

Во Македонија не постои антигерманско расположение, ниту пак такво било кога имало од осамостојувањето на земјата па сè до денес, според што нејасно е зошто германската надворешна политика по прашањето на името на нашата земја инсистира на компромис, односно негова промена.

Сакаме да потсетиме дека еден од најомилените, ако не и најомилениот, странски дипломат во Македонија беше токму првиот амбасадор на С.Р. Германија во Р. Македонија - Ханс Лотар Штепан. Делото кое што тој го остави и по неговото заминување од земјата и од овој свет и понатаму наидува на огромна почит од страна на Македонците. Секое споменување на овој политичар во Македонија е проследено со најпозитивни зборови, а тие зборови и те како се редистрибуираат и на општиот впечаток за С.Р. Германија. Со спроведување на надворешна политика во функција на промена на името на Р. Македонија, германските функционери само ја затемнуваат светлата слика која што Македонците ја имаат кон С.Р. Германија.

За разлика од ова пак, во последните неколку години, во Р. Грција, антигерманското расположение ескалираше. На протестите кои што се одржаа по повод пристигнувањето на германската канцеларка Ангела Меркел во Атина, во октомври 2012 година, дел од грчката јавност ја поистовети С.Р. Германија со нацизмот. На еден од транспарентите, кои што илјадниците Грци ги носеа на протестите, пишуваше  „госпоѓо Меркел - гитла“ (Frau Merkel getout).[1] На друг транспарент пак испишано беше „Ќерко на Хитлер гитла од Грција и не на четвртиот рајх“.[2]


Па сепак, и по прашањето на должничката криза која оваа земја ја има и со која што ја влече ЕУ во економска бездна, и по прашањето на спорот со името кој што резултира со дваесетгодишно заложништво на Р. Македонија, се чини дека С.Р. Германија на своја штета стои зад официјална Грција.

Не бараме од вас да работите против интересите на С.Р. Германија, напротив бараме од вас да и погледнета на вистината во очи и да престанете политиката која што вашата земја ја гради да биде на иста линија со лагите пласирани од официјална Грција. Бараме од вас да не ја подржувате Р. Грција во нејзините геноцидни барања за промена на името и идентитетот на една мала, мирољубива земја како што е Р. Македонија. Застанувањето зад барањата на официјална Грција за промена на името на нашата татковина и на нејзиното постојано блокирање за членство на Р. Македонија во ЕУ и НАТО, не е во ваша корист, а не е во корист ниту на поширокиот регион, како и на стабилноста и просперитетот во Европа.

Бараме од вас да се запрашате зошто на земја како што е Р. Грција во која што владее не само антимакедонско туку и антигерманско расположение и чии што граѓани отворено се против С.Р. Германија која наводно е главниот виновник за нивната должничка криза им давате толкава голема подршка во спорот за името кој што тие ни го наметнаа. Запрашајте се зошто на земја како Р. Грција која што ја влече целата ЕУ во рецесија ѝ ги толерирате каприците и игнорантски посматрате како таа го блокира својот северен сосед во напорите за интегрирање во ЕУ и НАТО, за што Р. Македонија ги спроведе сите потребни реформи.

А.С. (Македонска Ризница)

[1] "Debt crisis: as it happened - October 9", 2012, Telegraph, 9 октомври 2012
[2] "Griechen demonstrierten vor Merkel-Besuch", Kleine Zeitung, 8 октомври 2012: "Tochter Hitlers, raus aus Griechenland und kein Viertes Reich"

No comments: