Tuesday, October 07, 2014

Александро

Вчера, на неколку домашни медиуми, видов дека е донесена судската одлука за обвинетите во т.н. случај „Шпион“. Меѓу другото, беше известено дека Александар Диневски, детектив и бивш разузнувач, е осуден на четири и пол годишна затворска казна.

„На Александар Диневски за делото шпионажа судот му изрече четири и пол години затвор“[1]

Александар првенствено го знам како почитуван блогер, еден од оние, кои и покрај тоа што не многу често објавуваа нови написи, кога ќе објавеа, редовно предизвикуваа интерес. Можам да кажам дека и јас бев еден од многуте кои што со задоволство го разлистуваа неговиот блог.


Го знам и како еден од „Осуммината“, чие што делување, како што самиот Александар пишува „го означи почетокот на еден нов феномен во македонската политичка реалност означен како македонска политичка пролет“.[2]

„Феноменот на „Осуммината“ ќе остане трајно врежан во колективното сеќавање на македонскиот народ како почеток на рушење на стариот систем чиј крај веќе  се наѕираше. Звучи парадоксално но вистинито – додека во останатите републики демократските процеси ги туркаа интелектуалци, независни новинари и политички дисиденти, во Македонија ударот дојде од таму од каде најмалку се очекуваше – од припадници на тајната полиција која отсекогаш важеше за ударна тупаница на единствената комунистичка партија! Можеби затоа дотогашниот репресивен систем чија моќ почиваше на безмилосната пропаганда и уште побезмилосната репресија се најде на колена! Колку само бедно и јадно делуваа тогашните врхушки и на Партијата и на Владата очајно обидувајки се да го сочуваат системот и ковајки заговори и тајни планови за конечна пресметка со непослушните свои „чувари“ вклучувајки ја можноста за нивна физичка ликвидација.
Само неколку месеци пред тоа, во април истата година на удар на совесните и охрабрени припадници на тогашниот РСВР се најде целокупната државна и партиска врхушка на чело со неприкосновениот Владетел во сенка Лазар Колишевски. Пред налетот на жестоките и отворени критики во рамките на РСВР падна целокупната раководна структура на чело со тогашниот министер за внатрешни работи Александар Андоновски и уште дваесеттина именувани и избрани функционери на РСВР.

Вработените во МВР за прв пат јавно проговорија за тогаш актуелниот Вевчански случај, за монтираните политички процеси, за политичката репресија над македонските интелегенција, за поданичката улога на Македонија во однос на „Центарот“, за темните петна од македонската историја (случаите на Скопскиот партизански одред, убиствата на Кочо Рацин, Кузман Јосифовски – Питу, Панде Чесноска, Лена Стојчевска, стрелањето на 54 те велешани, ликвидацијата на скопското Кале…), за досиејата на политичките неистомисленици и пред се’ за улогата на Колишевски во сите тие процеси. „Мечката од пештера“ (нашата тајна шифра за Лазо) конечно беше извлечена на чистина!“ [2]

Со Александар никогаш се немаме запознаено лично, но во врска со едно хоби, по мое барање, во еден наврат преку интернет разменивме неколку пораки. Ми остана во сеќавање поради тоа што беше непосреден, приземен и исклучително учтив. Иако не ме познаваше лично, на секое мое прашање опширно одговараше.

Денес го прочитав следново:

„Ексразузнавачот Александар Диневски започнал штрајк со глад во затворот во Шутка, потврдуваат за Канал 5 од управата за извршување санкции. Од таму објаснуваат дека штрајкот го започнал денеска со тоа што не го земал ручекот. Причина за штрајкот е незадоволстовото од пресудата за Шпион со која тој беше огласен виновен и доби четири ипол години затвор. Обвинет е за 3 кривични дела злосторничко здружување шпионажа и оддавање државна тајна. Вчера Кривичниот суд ги изрече казните за првата шпионска афера...“ [3]

Не сум запознаен со случајот во кој што тој и останатите обвинети се товареа, ниту пак дали е осуден праведно или не. Тоа оставам да го каже времето. Во овој напис, едноставно од човечки аспект сакав да го споделам она малку што го знам за Александар Диневски, а во кое што нема ништо негативно.


Види и:

No comments: