Friday, April 04, 2014

Збогум Блогерају

Си беше еднаш блог платформата Blog.com.mk, позната како Блогерај. На неа пишуваа многумина и тоа прилично често. Немаше ден, а на неа да не се испишат неколку илјадници или барем стотици коментари. Иако во тоа време го имав овој блог на Blogspot, на неа пишував и јас.

Ова беше мојот блог - i-macedonian.blog.com.mk.


На крајот од 2009 година и на почетокот на 2010 година, Блогерајот се пресели на нова адреса - Blog.mk, а со тоа се преселија и дел од блогови кои што беа на таа платформа, меѓу кои и јас - i-macedonian.blog.mk.

„Одиме на МК

По неколку месеци работа, со задоволство можеме да објавиме дека БЛОГЕРАЈ е подготвен да се пресели на нова платформа.

На www.blog.mk ве очекува чичка нов Блогерај (овој пат базиран на ВордПрес), кој се надеваме дека комплетно ќе ги задоволи вашите потреби.

Во меѓувреме www.blog.com.mk ќе го продолжи својот живот како архива, која ќе им биде достапна на сите за читање (и најавување на корисниците), на која нема да може да се објавува.

Одиме на blog.mk“, „Одиме на blog.mk“, 31 декември, 2009 - 18:21, Блогерај

Па сепак и покрај тоа што новиот Блогерај беше најавуван како технички далеку посупериорен од својот претходник, уште на почетокот се виде дека тој не успеа да им влезе под кожа на оние за кои што беше наменет. Честите падови на системот уште повеќе допринесоа за зголемување на носталгијата кај блогерите и нивното постепено напуштање на Blog.mk.



Самиот престанав да објавувам на blog.mk на 8 март 2011 година, а веќе две години воопшто не сум се логирал. Не бидејќи сум си ја заборавил лозинката, туку поради некакви, за мене непознати, технички проблеми кај самиот Блогерај.

Ако пред пет години, на стариот Блогерај секојдневно имаше неколку дузини блог написи, моменталната слика е оваа - последниот напис е од пред пет дена.

Само прашање на време беше кога ќе се случи неминовното:

„Почитувани корисници на blog.mk,

Ве информираме дека на 1.05.2014 година ќе престане да функционира сервисот blogeraj преку страната на www.on.net.mk .

Ви благодариме што бевте корисници на услугата и ве молиме да си ја преземете вашата архива од www.blog.mk, најдоцна до 30.04.2014 година.

Останете и натаму на www.on.net.mk

Срдечен поздрав,

ОНЕ Телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје“, „Известување за корисниците на blog.mk“,  4 април 2014 - 21:23, On.net.mk

Сега проблемот е како да се спасат блоговите на авторите кои што објавувале само на Blog.mk, а не и на некоја друга платформа напоредно.

Дека нешто вакво може да се случи на некој начин предвидов уште на 22 јуни 2010 година, а доколку вие сте сопственик на блог на Блогерај, за тоа како можете да ги зачувате своите написи, прочитајте во третата точка од написот „Како да го осигурате вашиот блог“.

No comments: