Saturday, March 08, 2014

Мајка

Пред неколку години до мене стигна пропагандната книга со детски творби „Растеме под знамето на Тито“ (Rastemo pod zastavom Tita), издадена во Белград во 1982 година. Заинтересиран за тоа што децата од Македонија во рамки на бивша Југославија твореле во тоа време наидов до за мене зачудувачко сознание.

Во оваа книга речиси сите песни претставуваат пофални слова за Тито [1], но не и песната на една млада Македонка по име Светлана Петрова од Скопје.

Насловот на песната е „Мајка“, а барем мене ова нејзино дело многу ме потсетува на македонска патриотска песна. И тоа замислете во книга посветена на Тито во времето кога Македонија сè уште била во (или под) рамки на Југославија, а секоја идеја за независност се осудувала.

Повеќе македонски револуционери ја нарекуваат Македонија мајка [2], а и според една хипотеза името Македонија значи божица Мајка.

Ѕвездата (а подолу и сонцето) што мајката (Македонија) порачува да изгрее потсетува на т.н. ѕвезда (сонце) од Кутлеш (Вергина) која по една деценија ќе биде поставена на црвеното знаме на слободна независна и суверена Република Македонија (и на знамето со осумзрачно сонце од 1995 година).

Разурнувањето на темните ѕидини потсетува на предстојното рушење на комунистичкиот режим и на стегите на Федерацијата Југославија во која Македонија во тоа време се наоѓала.

За некого можеби ова е сосема обична песна, но за мене е песна во која македонските гени и македонскиот дух, преку едно девојче проговориле за времето предвесник на независноста на Македонија.

Среќен Осми март македонски мајки!

[1] „Домовина то је Тито“, „Тито“ (има повеќе песни со истиот овој наслов), „Ми растемо под заставу Тита“, „Захвални смо Титу“, „Растемо под заставом Тита“ (има повеќе песни со истиот овој наслов), „Титова штафета“, „Титово трајање“, „Херој Тито“, „Неуручено писмо Титу“...
[2] Пример писмо од Христо Узунов до својата мајка: Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.

No comments: