Wednesday, March 05, 2014

Интервју - Никола Темков

Никола Темков е стрип автор и илустратор од Скопје и еден од нашите најдобри познавачи на стрип теоријата и историјата на македонскиот стрип. Во интервју од десет прашања и десет одговори, ексклузивно за читателите на „Македонска Ризница“, тој претставува една општа слика за деветата уметност и за стрип ситуацијата во Македонија.


1. Што е тоа стрип?

Ќе се обидам накратко да одговорам на ова прашање, иако не би можело накратко да се објасни што е тоа стрип. Иако има повеќе дефиниции, не би навлегувал многу во детали па наједноставно би кажал, стрипот е визуелно раскажување преку цртежи во низа, но придружено со текст. Неслучајно е наречен и девета уметност, бидејќи претставува доста макотрпен и креативен процес, па може да се мери на сите нивоа со сите останати уметности. Во исто време, стрипот сам по себе претставува и медиум, и тоа еден од оние масовните, бидејќи на креативен начин може за кратко време да пренесе моќна порака. Значи, преку стрипот може да се раскаже едно книжевно дело од типот на „Војна и Мир“, исто така може да се изрекламира еден производ, да се пренесе порака, но и да се направи уметничка изложба. Мислам дека отприлика ја објаснив димензијата на зборот стрип, и што сè тој претставува.

2. Од кога датираат првите стрипови?

И ова е доста тешко да се објасни со неколку реченици, затоа што има повеќе верзии, и не се знае со сигурност. Проблемот е во перцепцијата, т.е. во тоа кого го прашуваш или во кој дел од светот се наоѓаш.


 Ако се наоѓаш во Европа, горделивите французи ќе истрчаат да се пофалат дека стрипот за првпат се појавил во Франција, т.е. дека првиот стрип го нацртал белгијанецот Рудолф Топфер, во почетокот на 19 век. Дури одат дотаму што некои од нив ги сметаат и илустрациите на Густав Доре за први стрипови, затоа што на некои од нив има и текст. Во Америка пак, на пр. ќе ти кажат дека првиот стрип се појавил на американско тло, т.е. тие го сметаат „Жолтото Момче“ (Yellow Kid) од 1896 година за прв стрип, бидејќи текстот, покрај илустрациите, во овој стрип за прв пат се наоѓа во таканаречено текстуално балонче. Некои ги споменуваат илустрираните преводи на Библијата, Трајановиот столб, па и некои записи на камен, папирус и сл... Значи точна и стриктна дефиниција, и точен датум не постои, бидејќи според некои теоретичари од областа на стрипот, првите стрипови се всушност пештерските цртежи, бидејќи раскажуваат низа настани во слики и симболи т.е. букви.

3. Кога стрипот се има појавено и на македонско тло?

Иако многу малку се знае за ова, стрипот кај нас не е дојден од вчера, туку постои одамна. Да не бидеме и ние покуси, и за ова има неколку верзии, т.е. кога се појавил првиот стрип на македонско тло. Во книгата на Томислав Османли (Стрип - запис со човечки лик), ќе сретнете дека првиот стрип го нацртал и напишал нашиот познат писател Славко Јаневски и тоа во 1945 година под наслов „Еден бункер падна“. Меѓутоа, таму се даваат информации и за неколку стрипови пред првиот, ако може така да се каже, и тоа се спомнува стрипот од извесен Желимир Книвалд, насловен „За нас и о нама“ уште во 1937 година, но исто така и неколку стрип табли од Панде Јаревски од 1941 година, кој нормално поради војната не е завршен, па не може да се смета за прв. Оној на Книвалд пак е на српско-хрватски јазик, па исто така се отфрла, така што еве да речеме дека сепак тоа е стрипот на Славко Јаневски. Од друга страна, земајќи ја предвид креативноста на овој народ, можат да се забележат и доста илустративни преводи на Библијата и тоа од многу одамна, кои во многу наликуваат на стрип, нормално не во форматот кој денес нè асоцира на стрип, ама сигурно повеќе личат на стрип од онаа верзија на Топфер, која французите се погрижиле да стане првиот официјален стрип, барем на европско тло. Како и да е, стрипот на ова тло има долга традиција.

4. Би можело ли фреските во македонските цркви со кои што визуелно се раскажуваат библиски приказни да се сметаат за еден вид предвесник на македонскиот стрип?

Па зошто да не? Ако цртежите на пештерите некој ги смета за предвесници на стрипот, секако дека би можело и фреските да се сметаат за предвесници.


Се разбира не сите, туку оние во кои се раскажува приказна, во која има низа од повеќе следствени настани, придружени со текст, а такви сигурно веќе сте виделе во некоја од македонските цркви. Секако не заборавајте го зборот предвесник, не би сакал некој да заклучи дека црквите ни се полни со стрипови.




Еден интересен податок е што неодамна слушнав дека може да се најде Библијата во стрип во некои наши цркви, мислам дека е тоа српско издание, преведено на македонски јазик, ама јас го немам досега видено, така што не знам сигурно.

5. Како стрип автор можете ли накратко да го објасните процесот на создавање на еден стрип?

Секако, иако секогаш се препотувам кога ќе го видам зборот накратко... Значи вака, прво и основно за секој стрип е идејата. Мора да се знае што ќе се раскажува во стрипот, каков вид на стрип ќе биде, за што ќе биде наменет, и за кого е наменет, или каква порака, емоција или расположение ќе пренесе. Откако ќе ја добиеме идејата, таа треба да се разработи, по можност на хартија, во вид на сценарио, па потоа да се одреди колку страници ќе биде тој стрип, и за секоја страница да се направи концепт, не само цртачки, која сликичка каде ќе биде, туку и каде и како да се смести текстот. Разработката на ликовите е исто така важна во овој дел на процесот, така што пожелно е да се направат концепти за ликовите (барем за оние главните) да им се одреди карактерот, облеката итн. Откако е сценариото готово, ликовите спремни, се преоѓа на цртањето. Без разлика дали се работи класично или модерно (дигитално), цртањето би требало да се состои од цртеж во молив, па туш, и на крајот колор доколку се планира стрипот да е во боја. Е сега, технологиите на денешницава овозможуваат тотално спротивен пристап, така што не треба да се земе ова како правило туку како мој личен пристап. Познавам некои луѓе кои можат да почнат со цртеж, па потоа да ја осмислат приказната, или на пример да го постават во колор па потоа одозгора да цртаат, или директно со туш да цртаат, меѓутоа тоа веќе е прашање на избор.

6. И покрај тоа што претставува комплексна уметност, имам впечаток дека стрипот кај нас сепак се смета за пониска форма на уметност?

Прашањето ти е на место, не само што стрипот се смета за пониска форма на уметност, туку не сум сигурен дали воопшто се смета за уметност. Како таков го нема на нашите факултети за уметност, дури сум слушал и приказни од колеги кои завршиле на ФЛУ дека им било дури и забранувано да цртаат стрипови. Се надевам дека ситуацијата е сменета, барем на новиве приватни факултети, и мислам дека стрипот е прифатен сега засега во сите школи за дизајн, или барем така би требало да биде. Зошто и како кај нас стрипот во академските кругови е анатемисан не знам и не ми е јасно како може да го има на факултетите насекаде, еве на пр. во сите соседни земји, не одам подалеку, освен кај нас.

7. Колку стрипови годишно се издаваат кај нас и во колкав тираж?

За жал, на ова поле сме најслаби во регионот, сите комшии се светлосни години пред нас. Еве во Србија на пример, секоја година има околу 10-тина стрип фестивали во различни градови како Белград, Лесковац, Ниш, Нови Сад, Шабац, Крагуевац, Зрењанин... Бројот на издавачи е далеку поголем, се издаваат стрипови од сите стрип школи, италијанска, франко-белгиска, американска, јапонска манга... Кај нас постои само една продавница „Бункер”, каде што 95% од стриповите се од српски или хрватски издавачи... Постои само еден стрип салон, ако може така да се нарече тој еден викенд во годината во Велес, и тоа не е тоа. Се издаваат годишно по максимум 5 македонски стрип албуми, и тоа се најчесто авторски проекти, т.е. самиот автор доколку собере средства си го издава стрипот. Постои Здружението „Макстрипови”, кое повремено го издава „Синдром” и има сопствен форум (http://www.makstrip.com.mk/forum/) каде што се собираат љубителите на стрипот и стрип авторите, барем на интернет. Има моментално две-три стрип изданија што излегуваат многу нередовно, или еднаш двапати во годината („Синдром”, „Креатор”, Антологиите на „Визант”) и толку. Издавачи за стрип моментално нема, издавачите на книги се тотално незаинтересирани за стрип, јас со мојот другар и колега Игор Јовчевски допрва започнуваме годинава нешто со „Стрип Квадрат”, но тоа според мене е премалку. Ете таа е споредбата, за жал.

8. Каде е проблемот, немаме доволно автори, читатели, издавачи или нешто сосема четврто?

Некој ќе рече за тоа е виновна економската ситуација, но не е така. Се работи за нешто друго. Јас мислам дека нема константна публика на читатели на стрипови, да не речам се нема култура. Овде кај нас, на 35 години да те видат јавно, на пример во автобус, како читаш или разлистуваш стрип, ќе те сметаат за недораснат, или заостанат, нетокму... Воопшто многу малку се чита, а камоли стрип. Во поранешната држава, пред распадот беше малку поинаку, јас се сеќавам дека уште како дете читав стрипови, а читаа сите од моето опкружување. Се менував со стрипови со средовечни луѓе, не постоеше таа граница, дека ете стрипот е само за деца. Сега и децата не читаат. Таквата ситуација налага дека стрипот нема пазарна вредност, т.е. ако нема публика или е многу мала, не се исплати да се издаваат стрипови, и затоа и нема издавачи. Имаше неколку обиди за издаваштво на стрипови, се обидоа неколкумина со издавање претежно на стрипови од италијанската „Бонели” школа (Загор, Дилан Дог, Марти Мистерија...), но сите пропаднаа. По се изгледа дека овие денешни генерации не се навлечени на тој тип на стрипови, и треба можеби да им се понуди нешто ново, поинакво. Од друга страна, автори имаме доста, и тоа квалитетни, но тие работат или за странство, или се тотално пренасочени кон дизајн или нешто трето. Да се биде стрип автор во Македонија е тотално неисплатливо, па за да се преживее мора да се работи нешто друго. Но љубовта кон стрипот е голема, и не има околу 50-тина души што водиме инает и им пркосиме на сите норми, и сè уште наоѓаме време да се занимаваме, макар и повремено со стрип.

9. Пред само неколку месеци министерката за култура најави дека во наредниот период стрип културата ќе добие поддршка. Според вас каков вид на поддршка е потребна?

Поддршка, каква таква имало и досега, меѓутоа прашање е каде оделе тие средства. Ете секоја година, 15-тина години наназад, „Стрип Центарот” во Велес од Министерството за Култура, па и од Сорос и уште од неколку други извори, добива одредена сума за подршка на стрипот. Но, нели е срамота за сите тие 15 години, да се организира само по еден викенд годишно, да се издадат само 3 стрип албуми (сте слушнале за стрип албумите „Мис Стон”, „Ајдучка Чешма” и „Волшебното Самарче”???) и годишно по еден број на списанието „Креатор“, којшто никаде не може да се купи, печатен е на фотокопир и на најевтината хартија што може да се најде, во којшто стриповите се на база на донација, т.е. не се исплаќаат авторски хонорари на авторите? Секоја најава за подршка е добредојдена, но ако се доделуваат тие средства на одредени невладини организации (како „Стрип Центарот“ во Велес, „Визант“ во Прилеп итн.), кои и досега ништо не направиле за стрипот, средствата ќе бидат залудно потрошени. Според мене, треба да се подржуваат повеќе авторските проекти, да се помогнат самите автори да издадат нешто, оти ако се чека на самопрогласените „институции“ и „центри“ за стрип да издадат нешто, ништо нема да се случи како и досега. Издавачите на книги (ги има многу) може малку да се заинтересираат за стрипот и да понудат барем по еден проект годишно, т.е. да подржат стрип изданија, а не само да мислат на брза заработувачка и да издаваат само евтини преводи на светските „бестселери“, кои во суштина немаат никаква вредност.

10. Каква е иднината на стрипот?

Малку конфузна, ако може така да се каже. Ако зборуваме генерално, во светски рамки, токму овој период на филмувани стрипови (Бетмен, Тор, Хулк, Икс Мен...) не само во Америка туку и во светски рамки допринесе за своевидна популаризација и на стриповите. Се отвори цела една нова индустрија поврзана со овие стрипови, во вид на продажба на играчки, потоа видео игри, анимирани филмови и слично, т.е. одредени стрип јунаци станаа своевидни брендови кои успешно се продаваат. Од друга страна пак, дигитализацијата полека но сигурно го убива стрипот на хартија, но само како издание, т.е. печатената верзија стана луксуз само за упорните класичари. Но тоа не значи дека стрипот како форма уназадува, и дека го снемува, напротив тој е моментално попопуларен од било кога, меѓутоа се менува начинот на издавање, и ако може така да се каже начинот на конзумирање. Овде кај нас не знам како да ја одредам иднината на стрипот, затоа што и сегашноста ни е за никаде. Треба да се смени менталниот склоп на цела една генерација, новиве генерации да ја согледаат убавината на стрипот како таков, и на пример кога гледаат во кино или на ТВ филм со Бетмен, или Астерикс, гледаат цртан филм Аниматрикс или Покемон, пијат сокче со Спајдермен, носат маици Икс-мен, да се сетат да прочитаат и некој стрип со тие ликови. На ова поле, морам да ги пофалам дечките од „Макстрипови“ кои се трудат на новите генерации, уште од најмали нозе да им го приближат стрипот преку разноразни акции, бесплатни школи за стрип и сл. Но, колку e тоа доволно и дали ќе вроди плод допрва треба да се види, најважно е дека нешто се прави за иднината на стрипот кај нас.

Александар Стеванов (Македонска Ризница, 19)

No comments: