Tuesday, August 13, 2013

Шамија, очила и цедалка на главата

На повеќе македонски портали, меѓу кои и Сител, беше пренесена информацијата за Чехот Лукаш Нови кој што за лична карта се фотографирал со цедалка на главата. [1]

Лукаш Нови

Според неговото образложение, тоа му било дозволено поради религиозни причини, како припадник на верата пастафаријанизам (pastafarianism).[2]

Да се запрашаме дали доколку господинот со цедалка на главата беше од Македонија, според македонскиот правилник, ќе му беше дозволено да се фотографира за лична карта со цедалка на глава.

Пред неколку години, во повеќе наврати во Македонија се расправаше за тоа дека треба, односно не треба, на жените муслиманки да им биде дозволено да се фотографираат со шамија на главата поради верски причини.[3][4] 

Одредбите по ова прашање во член 7 од ПРАВИЛНИК ЗА ОБРАЗЕЦОТ НА БАРАЊЕТО ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ОБРАЗЕЦОТ НА ПОТВРДАТА ЗА ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ОБРАЗЕЦОТ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ПОСТАПКАТА ЗА ИЗДАВАЊЕ ИЗАМЕНА НА ЛИЧНАТА КАРТА И ЗА НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ НА ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ИЗДАДЕНИТЕ ЛИЧНИ КАРТИ [5] оставаат простор за слободно интерпретирање и избор. Имено во овој член се вели:

„Подносителот на барањето, согласно ICAO стандардот, се фотографира од лице (анфас), со неутрален и јасен израз и без било каква покривка на лицето, на обична позадина во светла боја, без присуство на други лица или предмети. Доколку лицето носи очила, истите не можат да ги покриваат очите и да покажуваат одблесок на светлина. При фотографирањето, лицето не треба да носи покривка на главата (капа, шамија исл.), освен во одредени случаи, кои се однесуваат на посебни околности утврдени од страна на органот што ја издава личната карта (религиозни, медицински или културни).“

Се вели дека лицето не треба да носи покривка на главата како шамија или капа, а дека истото не важи при религиозни, медицински или културни ситуации.

Не знам колку денес на муслиманките кои што живеат во Македонија им се дозволува да се фотографираат со шамии на главите, но пред околу години дена на една телевизија, македонска муслиманка (етничка Албанка) се пофали дека за лична карта ѝ било дозволено да се фотографира со шамија на главата, а како заслужна за остварувањето на ова директно ја посочи министерката за внатрешни работи на Република Македонија.

Сепак дали мислите дека доколку господинот од Чешка беше всушност од Македонија и доколку сакаше да се фотографира за лична карта со цедалка на глава ќе му беше дозволено и нему да ги испочитува начелата на својата религија, исто како што им се дозволува на некои од муслиманките?

Наспроти погоре споделениот случај, на штипјанецот Мики Трајчевски, познат меѓу народот како Мики Ли [6],  не му било дозволено за лична карта да се фотографира со очила, поради што истиот не може да ги оствари своите граѓански права за добивање на социјална помош, стан исл.

Мики Ли

Според кажување (пред околу една година) на човек инволвиран во целиот случај со добивање на лична карта на Мики, и покрај наговарањата, тој не сакал да ги тргне очилата поради тоа што тие биле негов заштитен знак и нераскинлив дел од неговиот имиџ (односно од причини поврзани со неговата култура). Сепак се чини дека одределбите за посебни културни околности при кои што би му било дозволено да се фотографира за лична карта со очила, тогаш за Мики не важеле.

По еден друг повод, во 2009 година, Мики Ли има кажано:

„Мојот изглед е мој свет и не го менувам за ништо, макар да гладувам цел живот“ [6]

Кажал и не излажал.

За крај уште еднаш: дали доколку Чехот беше Македонец, ќе му беше дозволено во Македонија да се фотографира за лична карта со цедалка на главата?

[5] Стр. 6 - Бр. 116 СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 27 септември 2007

2 comments:

Anonymous said...

Pred da napisete bilo sto treba da ja istrazite pozadinata na slucajot.
Cehot pravel samo experiment dali moze ili nemoze da go slikaat so cedalka na glava, probal no neuspeal, zatoa sto nadleznite nedozvolile. Fotografijata e fotomontaza.Ziveam co Ceska i znam za ovoj slucaj malku poveke.
So golem pozdrav

Internet Macedonian said...

Ви благодарам многу за коментарот како и за исправката.

Убаво од ваша страна што посочувате како всушност се случило, но критиката која што ја давате (цитирам „Пред да напишете било што треба да ја истражите позадината на случајот“) морам да кажам дека ја испраќате на погрешна адреса.

Имено на блогов не беше речено дека Чехот се фотографирал за лична карта со цедалка на главата и дека успеал во тоа, туку дека „на повеќе македонски портали, меѓу кои и Сител, беше пренесена информацијата за Чехот Лукаш Нови кој што за лична карта се фотографирал со цедалка на главата.“

Јас во написов не реков дека тој направил било што, туку дека повеќе македонски медиуми објавиле информација според која тој направил нешто конкретно. Значи јас само се повикувам на информацијата, без да навлегувам во тоа дали е вистина или пак не е, која што поголем број на македонски медиуми ја објавиле.

Благодарам уште еднаш и поздрав!