Tuesday, June 11, 2013

Курир - информативен или пропагандистички сајт?

Во една те иста реченица да изнесеш две невистини и не е баш така едноставно. Сепак на некој од авторите на најдобриот информативен сајт за минатата година[1] му успеа и тоа. Во вчерашниот (10 јуни 2013) напис „Феномен во Асоцијацијата на архитекти: Има само еден вработен, а организира протести“ пишува:

„Асоцијацијата на архитекти на Македонија организира протест против модернизација на ГТЦ, организира средби за истата намена и дејствува против дел од проектот кој Македонците масовно го поддржуваат.“


Со планираните активности за промена на ликот на ГТЦ не е предвидена модернизација на овој објект, како што тврдат од Курир, а напротив негово демодирање. Облекување во анахрон за денешно време барокен стил на нешто што било модерно во времето во кое што е изградено не претставува негова модернизација туку уназадување и промена на неговиот идентитет преку наметнување на, за него, несвојствен изглед.

За тврдењето на Курир дека Македонците масовно го поддржуваат проектот Скопје 2014 доволно е да се видат досегашните анкети за да се заклучи дека и не е баш така. Впрочем ако се погледнат ќе се види дека во најголем дел од нив поголем процент од испитаниците, граѓани на Република Македонија, имаат негативно мислење за проектот Скопје 2014.[2]

Наместо информирање на граѓаните со ваквиот напис од Курир изигруваат апологети на проектот Скопје 2014. Нешто слично се случи пред помалку од месец дена кога од Курир се обидоа вљубеник во брутализмот да го прикажат како поддржувач на „барокно“ Скопје 2014.[3][4]

После ова за мене Курир не е ништо друго, туку обичен пропагандистички сајт од кој што тешко дека може да се извлече непристрасна информација.

No comments: