Sunday, June 30, 2013

Збогум блогеру

Се будам во ова тмурно дождливо летно утро и со неверување ја читам веста која што веќе ги беше преплавила социјалните медиуми - „Почина Роберто Беличанец“. Не го познавав лично, но на Блогерај во старите добри времиња често го следев неговиот блог This is not America (rb.blog.mk). Според неколкуте коментари кои што ги беше оставил знам дека и тој повремено ме читаше мене. Со многу негови ставови не се согласував, па сепак тоа не пречеше некои негови ставови и самиот да ги споделувам.


За разлика од некои други кои што по повод трагичниот настан, по социјалните мрежи, злорадосно прокоментирале дека наскоро ќе биде во земјата по која што толку многу плукаше, јас лично сметам дека Македонија изгуби значајна и интересна личност, која што не се плашеше да ги искритикува грешките на власта и неправдите кои што се случуваа во општеството.

На неговиот блог сè уште стои кредото:

„Да се бориш за правото на различниот од тебе е доблест.
Да се бориш за правото на истиот како тебе е солидарност.
Да се бориш само за себе е себичност.“

За мене Беличанец ќе остане запаметен по една негова мисла, која што своевремено ја пренесов во еден мој блог напис од 2009 година, по повод апсурдностите кои што се случуваат со освојувањето на титулата „најпатриот“ од недоделкани полуписмени личности и тоа преку говор на омраза. Одеше вака некако - колку помалку си го познаваш македонскиот јазик толку повеќе ја сакаш Македонија.

Дополнително:

No comments: