Македонски манифест - собирање потписи

Во недела (2 јуни, 2013) во 13 часот, пред Порта Македонија ќе бидат собирани потписи за прекин на преговорите за промена на името на Република Македонија, како дел од иницијативата иницирана од Македонскиот Манифест и група интелектуалци. 

МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ

Ви се обраќаме свесни дека се ближи конечното обезличување на македонскиот народ и негово разнебитување преку прекрстување на Македонија. Притисокот за промена на Името може да се квалификува како најнов вид геноцид (по физичкиот, јазичкиот и религискиот) што е модерна измислица на САД и на ЕУ, базирана на нелегалните барања на Грција. На повидок е нов, софистициран вид холокауст врз Македонците. Името е архетип на душата на еден народ, извор на неговиот севкупен идентитет. Изместувањето на само една буква, или лепење на придавка претставува негова деструкција, изместување на народот од неговото историско, цивилизациско, антрополошко и културно лежиште. Во жестоките обиди да се откажеме од сопствениот идентитет, нè уверуваат дека во спротивно ќе ја загубиме државата, не знаејќи колку столетија не сме имале држава, но сме имале идентитет, сме стоеле исконски во Името и во неговите духовни и историски вредности.

Македонија и Македонците несебично му дадоа на светот голем број цивилизациски дарови и сега истата таа Македонија под притисок бараат да се самоукине.

Нашата грижа и немир се реални бидејќи решение за наметнатиот спор – не е можен, со оглед дека целта е бришење на Македонците како посебен народ. Географската определница пред Името Македонија, за севкупна употреба, на што инсистира Грција, значи неизбежно губење на македонскиот идентитет, култура, традиција и јазик.

Оваа 2013 година е црн јубилеј, стогодишнина од парчосувањето на Македонија меѓу Грција, Бугарија и Србија со амин на големите европски сили, истите тие, кои денес притискаат да се смени Името за да се прекрстат Македонците.

Поради безобразниот ултиматум, поставен како услов за членство во ООН, Македонија е принудена да разговара за своето Име, што е бесмислено. Потоа, за да опстане државата, чија граница беше нелегално блокирана скоро две години, од страна на Грција, беше потпишана привремена спогодба. И во двата случаи, беа направени огромни и незамисливи идентитетски отстапки: промена на знаме и устав, отстапи кои ништо не донесоа освен барања за нови.

Бидејќи поминаа веќе 20 години а медијацијата во Њујорк се покажа како нефункционална, време е да се покрене иницијатива за нејзино прекинување и да се побара враќање на уставното Име на државата во ООН, што и беше нелегално оспорено во 1993 година.

Легитимни се и неоспорни аспирациите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Меѓутоа, тоа во никој случај не смее да се реализира со виткање на ‘рбетот и губење на достоинството. Нема цена која може да го натера народот да потклекне и да се самоукине. Македонците се исклучиво трпелив и толерантен народ ама сè има свои граници.

Како резултат на екстремните мегаломански идеи, македонскиот народ е оспоруван од соседите. Токму поради тоа, Македонија не смее да прифати промена на сопственото вековно Име без разлика на сите притисоци и закани бидејќи тоа ќе го доведе во прашање мирот и во земјата, и во целиот регион.

Од друга страна, Бадентеровата комисија, Резолуцијата на ООН, Привремената спогодба и одлуката на судот за човекови права во Хаг се акти кои не дозволуваат никакви идентитетски деструкции какви што се заговараат.

Како знак на кооперативност, македонските власти изразија спремност да се оди на референдум, како највисок степен на демократско решавање на проблемите. Меѓутоа, со оглед дека е во прашање идентитетот на вековен народ оваа генерација нема право сама да одлучува ниту во име на своите дедовци и прадедовци, ниту во име на идните генерации. Никој не може да се осмели да копа по гробовите на познатите и непознатите херои кои ги положиле животите за оваа земја. И не само затоа!

На референдумот, одржан на 8 септември 1991 година, 95,26% од граѓаните гласаа за независна држава, која се вика –Република Македонија.

Одењето на референдум во овој случај нема да биде израз на слободна волја, затоа што ќе мора да гласаме за Име кое и Грција го прифатила (инаку која е логиката да гласаме за нешто што Грција одбила), а веќе знаеме, кои се црвените линии на Атина, промена на Име со географска определница (додавка пред Името) за севкупна употреба што е пропаст за нашето постоење.

Вакво клучно и судбинско прашање не се става на референдум. Тоа е несериозно. Името не ни е добиено на референдум за да се решава на референдум.

Треба да ви биде позната симболиката од минатото. И Исус Христос беше ставен на референдум. Народот доби можност да избира кој да биде погубен, убиецот Варава или Месијата и тој, народот, под притисок на фарисеите (денес тоа би биле политичарите) го избра Варава да биде слободниот, а Исус го однесоа да го распнат на Голгота. Народот одлучи, Понтиј Пилат си ги изми рацете. Голема е веројатноста такво нешто да се случи и со референдумот за нашето Име. Никој, и по никаква цена, не смее да ја преземе улогата на Понтиј Пилат.

Очекуваме дека ќе проработи свеста и совеста на сите искрени и добронамерни за да го кренеме својот глас против неправдите со кои се соочува македонскиот народ, кој се бори за своето универзално право на самоидентификација. Не треба да се заборава дека утре, на негово место може да биде било кој друг. Толерирањето на злоупотребите нè прави сите соучесници.

Да им кажеме решително НЕ на сите политички манипулации.

Први во светот го носевме и го носиме Името Македонија и никој нема право да ни го оспори или одземе.

Сите заинтресирани својот потпис за поддршка на иницијативата ќе можат да го дадат на лице место, а оние кои што не се во можност да дојдат пред Порта Македонија, а сакаат да се потпишат на манифестот, тоа можат да го направат по електронски пат, односно, да напишете ваши податоци: - име и презиме, да го скенирате својот потпис, и заедно со Македонскиот манифест да го испратите на меил адресата: makedonskimanifest@gmail.com.

Дополнително:

No comments: