ИНТЕРВЈУ СО ЕДЕН МАКЕДОНСКИ МАГИСТЕР ПО ИСТОРИСКИ НАУКИ

Интервју со Александар Јаневски, дипломиран професор по историја и магистер по историски науки со специјалност историја на македонскиот народ XIX век, вработен како наставник по историја во основните училишта Ѓорѓи Сугарев и Климент Охридски во Битола.

1. Колку учениците на часовите по историја се интересираат за минатото на својот народ?

А.Ј. Генерално гледано, интересот на учениците за минатото на својот народ е задоволително. Сепак сè уште се бориме со одредени стереотипи кои не следат подолг период дека историјата е наука која единствено бара меморирање на години и настани и полека минуваме кон еден нов аспект на толкување на историските настани каде акцентот се става на причинско-последични врски и социолошка анализа на животот на луѓето во минатото, а во овој контекст годините се само временска рамка на приказната за тие настани.

2. Учат за оценка или за знаење?

А.Ј. Ако се има во предвид дека при упис на ученик во средно образование или на факултет во предвид се земаат оценките, може да се донеси еден заклучок дека поголемиот дел од учениците учат токму за оценката. Но, покрај тоа, има ученици кои сакаат да го надополнат општото познавање кое е предвидено во програмата за предметот историја и работат на истражувачки проекти, членови се во историска секција и сл.

3. За кој период и личност од македонската историја пројавуваат најголем интерес?

А.Ј. Кога би зборувале за период тогаш од моето досегашно искуство можам да заклучам дека историјата на Античка Македонија и сеопфатно историјата на стариот век е најинтересна за учениците. Додека кога сме околу личностите тогаш не би одел со име затоа што има поширок круг на историски ликови кои се дел од сите периоди во историјата и кои по своето дело и значење предизвикуваат интерес кај учениците.

4. Зошто, според вас, тоа е така?

А.Ј. Првенствено поради возраста на учениците ( во програмата за основно образование античка Македонија се изучува во 6 одд ) но исто така голем фактор е и временската дистанца која нè дели од тој период. Тоа му дава одредена мистичност на настаните и ликовите од тоа време и ја буди фантазијата кај учениците за тоа како изгледале сите случувања во тој период.

5. Реално можат ли историските настани и херои од минатото на Македонија да послужат како пример за градење на здрав карактер на македонските ученици?

А.Ј. Убеден сум дека вистинското истакнување на значењето, ликот и делото на нашите значајни историски личности можат да делуваат во изградувањето на националниот дух, идентитет и искреното родољубие. Во склоп на ова би дал само еден пример, се работи за периодот кога македонската кошаркарска репрезентација ги имаше своите најблескави моменти. Токму дел од тие натпревари се поклопуваа со почетокот на учебната година и во таа еуфорија честопати учениците нашите кошаркари ги споредуваа со историски личности од нашето минато.


6. Живеејќи во исполитизирана средина, се соочуваат ли и тие со дилемата дали сме ние „антички Македонци“ или пак „словенски Македонци“?

А.Ј. Се случува да постават такви прашања, но најчесто без притоа да ги имаат анализирано тие термини туку едноставно само пренесуваат што слушнале и прочитале низ медиумите. После дебатата која се отвара станува недвосмислено јасно дека таква поделба воопшто не е историски исправна и дека постојат единствено и само Македонци кои живееле во различни временски периоди.

7. Забележувате ли дали дневно политичките толкувања на историјата влијаат врз поимањето на македонската историјата од страна на учениците?

А.Ј. Имајќи ја во предвид возраста на моите ученици можам одговорно да тврдам дека дневнополитичките толкувања немаат големо влијание во реализацијата на наставната содржина по предметот историја, на што искрено се радувам. Но, честопати се случува од мои ученици кои се во средно образование или веќе на факултет да добијам прашања во кои и тоа како има вмешано прсти дневната политика. Во глобала забележливо е дека мас медиумите си ја вршат својата работа и влијаат врз градењето на одредни толкувања за одредени историски прашања кои не се целосно разработени.

8. Има ли македонски личности и настани кои, според вас, или недоволно или пак неоправдано многу се застапени во учебниците по историја?

А.Ј. Она во кое што сум убеден е дека потребно е зголемување на фондот на неделни часови по предметот историја. Два часа неделно со кои моментално сме застапени во  образовниот процес честопати не се доволни поцелосно да се разработат значајни моменти од нашата историја. Исто така проблем кој што е воочлив е преголемата застапеност на историјата на Балканските народи на сметка на националната историја.

9. Колку Интернетот се користи како алатка во историското описменување на учениците?

А.Ј. Последните активности на Министерството за образование беа насочени токму во овој правец при што во училиштата се инсталирани компјутери кои треба да ја помогнат реализацијата на наставата. Историјата како предмет има бенефит од оваа алатка затоа што за секое прашање, лик, настан и сл. веднаш може да се добие пишуван или визуелен одговор. Тоа на учениците им помага поедноставно да стигнат до одговорите на сите свои прашања и да ги разреши евентуалните дилеми. Сепак гледано од друга страна, честопати интернетот е поле каде што се случува за одредени настани и личности да има непотврдени толкувања од модераторите на некои страни. Затоа доста внимателно мора да се работи со информациите од интернет.

10. Македонија и македонскиот народ многупати во текот на својата историја имале трагична судбина. Колку целосната информација за тие настани може да им се пренесе на младите детски умови, без притоа имајќи ја предвид нивната младост, да се создаде омраза кон некои соседни нации и држави?

А.Ј. Македонскиот народ може да биде среќен затоа што во минатото никогаш не се нашол во улога на агресор, освојувач или уништувач на културно-историски добра. Таа позитивна страна од нашето минато е моментот кој постојано се афирмира. Историјата е наука која го учи народот врз база на настаните од минатото да ја гради својата иднина, во тој контекст ние ги пренесувам трагичните судбини на нашиот народ, со идеја да ги знаеме, за никогаш да не дозволиме повторно да ни се повторат.

11. Ви се случило ли некој ваш ученик да ве изненади со своето знаење на некои теми од македонската историја кои ги стекнал не од учебниците, туку од друга литература?

А.Ј. Се случува и тоа радува, затоа што тоа е индикатор дека некои ученици не се задоволуваат само со податоците кои им се сервираат според учебникот. За тие ученици програмата предвидува додатна настава и тоа е местото каде поопширно се работи на расветлување на новите информации и вметнување во историската приказна на соодветното место.

12. Во колкава мера учениците кои се припадници на некое етничко малцинство покажуваат желба за изучување на историјата на Македонија?

А.Ј. Во училиштата во кои што сум ангажиран имам можност да работам и со ученици од другите малцинства кои живеат во Македонија. Радува тоа што тие како деца не се обременети со политичките ситуации во Македонија и целосно и одговорно си ги извршуваат своите задолженија.

13. Во последно време од одредени личности се слушаат обвинувања дека македонската историја се ревидирала, постои ли навистина таков процес во образовниот систем на Македонија?

А.Ј. Историјата постојано е на удар и тоа најчесто во улога на напаѓачи се наоѓаат лица кои воопшто не се историски образовани. За среќа тие лица се далеку од изработката на наставните програми за предметот историја

14. Кој е реално опипливиот бенефит од изучувањето на националната историја на Македонија ?

А.Ј.  Да научиме дека „наведната глава сабја не сечи“ и „учи за да не работиш“ не смеат да бидат патоказ за иднината на македонскиот народ. Дека е време „Македончето“ гордо да се исправи пред предизвиците и како Македонец подготвен со работа и труд, да ја претвори Македонија во достојно место за живеење.

Александар Стеванов (Објавено во Македонска ризница, бр. 5)

No comments: