Нимиц излегува надвор од преговарачката рамка

Завчера (7 декември 2012, 22:58) порталот MKD.mk, пренесе дека според неделникот „Граѓански“, најновиот предлог на медијаторот Нимиц за име на државата бил „Северна Република Македонија“, за јазикот „официјалниот јазик на Северна Република Македонија“, а за националноста „државјанство на Северна Република Македонија“.

Под претпоставка дека ова е точно, сакам да истакнам дека Нимиц има право да дава предлози за ново име на државата (исто како што има подеднакво право и да дава предлози за зачувување на уставното име на Македонија). Утре може да предложи таа да се вика Тунгузија, Недојдија или Дембелија и тоа нема што да нè чуди.

Колку апсурдно ова и да звучи, ние во Времената спогодба се имаме согласено да преговараме за „разликата во врска со името“ (што во никој случај не значи дека се имаме согласено да преговараме за промена на името или пак да го промениме), па мора да ги трпиме ваквите глупости (што секако не значи дека треба да се согласуваме со истите).

Сепак, есенцијално е да се знае дека ние во Времената спогодба ниту пак било каде другаде се немаме согласено да преговараме или разговараме за името на македонскиот јазик и македонската нација и нема што тие да се вовлекуваат во сиот овој циркус кој што се води во ООН.

Во член 5 од Времената спогодба стои:

„1. Страните се согласуваат да ги продолжат преговорите под покровителство на Генералниот секретар на Обединетите Нации согласно со Резолуцијата 845 (1993) со цел постигнување на договор за разликите опишани во таа резолуција и со Резолуцијата 817 (1993).“

Дел од резолуцијата 817 што се однесува на ова:

„...difference has arisen over the name of the State, which needs to be resolved...“

Слободен превод:

„...се појави разлика во врска со името на државата, која што треба да се разреши...“

Во резолуциите 817 и 845 јасно стои: „разлика во врска со името на државата“, а не во врска со името на нацијата или пак со името на јазикот.

Според ова Нимиц нема никаков мандат да дава предлози за тоа како да се вика нашиот македонски јазик или пак нашата македонска нација. Тие се викаат онака како што се викаат, македонски јазик и македонска нација, и тој нема право да бара нивно преименување. Јазикот и нацијата не се предмет на преговорите кои што се водат во ООН и секое мешање во тој дел е излегување надвор од зацртаната преговарачка рамка.

И за крај: „не - за промена на името на Македонија, на Македонците и на македонскиот јазик!“

No comments: