Именувањето на Македонија на Олимписките игри

На 13 август, од страна на еден македонски новинар, бев контактиран за изјава во врска со подредувањето на Македонија на листи не под буквата „М“ туку под друга буква,  а поконкретно за заведувањето на Македонија на Олимписките игри под буквата „F“ (Former Yugoslav...) и за постоењето на можност да се реагира на тоа.

На ова одговорив уште истиот ден (за 11 часа од добивањето на пораката)*. Во продолжение ви претставувам поголем дел од мојот одговор:

„...По принип може да се реагира, пожелно е да се реагира и потребно е да се реагира дури и ако немаме никакви аргументи во наша полза. Понекогаш за да си ги тргнат излишните нервози од глава, раководителите знаат да се придвижат во насока на помал отпор. Па така ако им се запне од наша страна, а Грците тоа не го забележат и не реагираат контра нас, може да се издејствува работите да ги изменат во наша полза...

Конкретно за Вашето прашање има повеќе аргументи кои би можело да се искористат за (на Олимписките игри) да нè заведат под буквата „М“.

На пример:

1. Дека можат да нè заведат под буква „М“ доказ е и тоа што на страната на нашата земја на сајтот на Олимписките игри, адресата (поштенската адреса) на МОК ја запишале како "Macedonia, Ex-Yugoslav Rep. of". Штом може таму, зошто не би можело другаде. Ова би можело да користи како аргумент за омекнување на другата страна.

Самиот принцип за една формулација како "Macedonia, the former Yugoslav Republic of" не е нешто ново за ОИ и истиот принцип е искористен при називот на други земји на мапата на ОИ (на листата на земји на Олимписките игри) на нивниот сајт (видете го примерот бр. 3).

2. Несоборлив доказ дека треба да сме заведени под буквата „М“ е начинот на кој е заведена на пример Кина (и сите или речиси сите други земји). Официјалното име на земјата е "People's Republic of China" (Народна Република Кина ), а е заведена под буквата "C" (за "China", со што тоа што е пред суштествениот дел од називот на земјата се исфрла). Следејќи го овој принцип би требало и нашата земја да е заведена под буквата „М“ (за „Македонија“), а не под „Ф“ (или „Т“). За ова може да се употребат уште многу, многу други земји како примери (речиси секоја земја, имајќи предвид дека или започнуваат со "Republic of" или со некој друг систем на уредување).

3. Доколку примерот со Кина не даде резултат тогаш може да се повикаме на распоредувањето под буква на земји како "Democratic Republic of the Congo". И покрај тоа што официјално име е "Democratic Republic of the Congo" (почнува со "D") на сајтот на Олимписките игри ја имаат заведено земјата под буква "C" (за "Congo") и на мапата фигурира како "Congo, the Dem. Republic of". Друг сличен пример се двете Кореи (т.н. Северна и Јужна) кои што се заведени под буквата "К" (за "Korea").

4. Доколку нè одбијат со аргумент дека се водат според ООН, може да ги притиснеме со контрааргумент „a што е со Палестина? Палестина не е земја членка на ООН?“ (Палестина е заведена под соодветна буква во листата на „земји“ на ОИ, а колку што знам од ООН се води како „територија“, а не како земја, па и тука од ОИ имаат пропуст кој што можеме да го искористиме против нив и да ги принудиме да изиграат во наша корист).

4. Може да бараме да нè заведат под буква „М“ чисто од практични причини за да може да нè наоѓаат кога ќе нè бараат на сајтот. Формулацијата "Macedonia, the former Yugoslav Republic of"  не е со ништо спротивна на пропишаното од резолуциите на ООН. Доколку горенаведените и последново не вродат со плод може да се бара двоен механизам, да сме заведени и под „Ф“ (или „Т“) и под „М“, повторно поради полесно пронаоѓање на земјава.

(Доколку не сакаат да ја избришат референцата компромисно решение е покрај референцата да го впишат и уставното име (ова зависи и од нивната добра воља). Исто како компромис може да се бара скратување на референцата во „FYR Macedonia“ или уште подобро „Macedonia, FYR“.)

Значи аргументи има многу и тие мора да се искористат и преповторуваат постојано и постојано. Добриот дипломат и добриот правник можат да изнајдат уште многу дупки во правилата и да ги свртат против ОИ. Важно е да се има желба и да се биде упорен во барањата...

Исто сакам да напоменам дека (на сајтот на ОИ) целосно е неоправдано нарекувањето на нашиот олимписки комитет како "Olympic Committee of the former Yugoslav Republic of Macedonia". Без оглед на тоа како ќе ја нарекуваат нашата земја, комитетот на Р. Македонија си има официјално име, и тие мораат да го именуваат со вистинското име „Македонски Олимписки Комитет“ (преведено на англиски). Убеден сум дека доколку од МОК кренат глас за ова ќе издејствуваат промена во наша полза. Сепак се работи за име кое од ОИ не смеат да го менуваат, а освен тоа истото не е предмет на расправа во целиот овој спор за името кој што се води во ООН...“

*Ниеден дел од мојот одговор, колку што знам, не беше објавен во медиумот каде што конкретниот новинар е вработен.

No comments: