Wednesday, February 09, 2011

Како да одлепите марки?

Повеќе пати досега потенцијални филателисти ме прашувале како да ги одлепуваат марките од ковертите. Еве еден краток туторијал за таа цел кој можеби некому ќе му се најде.

Најпрво важно е да се напомене дека не секогаш одлепувањето на марките од ковертот е добра идеја. Особено старите марки како и оние со коверт и жиг прв ден имаат поголема вредност и поголемо значење за проучувањето на филателистичката и поштенската историја неодлепени од ковертот. Нив нема потреба да ги одлепуваме затоа што заедно со коверитите претставуваат целина.

Погрешно е да се пробува марката насилно да се одлепува од ковертот затоа што неизбежно ќе се оштети. Најдобро е таа да се исече заедно со дел од ковертот - 1-2 сантиметри надвор од рабовите на марката. При оваа постапка треба особено да се внимава несакајки да не се исечe самата марка.

Откако ќе се заврши со сечењето, во поголем порцелански или стаклен сад се става млака вода со температура од околу дваесетина степени. Во садот се истура една кафена лажичка готварска (ситна) сол, неколку капки алкохолен оцет и убаво се промешува.

Во садот марките не треба да пливаат на површината туку целосно да се потопат. Се оставаат така да стојат десетина минути (за некои и повеќе) додека не се одлепат од хартијата. По одлепувањето секоја марка посебно се прегледува да нема остатоци од хартија (од ковертот). Доколку има истите внимателно се тргаат со пинцета. Некои филателисти практикуваат марката да ја поминат со мека сликарска четка.

Потоа марките се ставаат во нов сад со чиста вода (без сол, оцет) за да се исперат. Таму отстојуваат околу пет минути.

Исчистените марки потоа се редат меѓу два бели листа хартија. Така на собна температура стојат половина до еден час, при што треба да се внимава да не се залепат за хартијата. Откако ќе се утврди дека се исушени се пристапува кон процес на нивно порамнување (пеглање). Марките се редат меѓу нови два бели листа, а врз нив се ставаат дебели книги за тежина. Вака отстојуваат барем еден ден.

За време на сите овие постапки марките не е препорачливо да се допираат со прсти туку со специјална филателистичка пинцета.

Напомена: некои марки потопени во вода ги губат боите. Мене ова ми се има случено со некои стари советски марки кои за пет минути престој во вода избледеа. Ваквите марки може да се одлепат со подлагање на пареа при што таа нема да има директен контакт со лицето на марката.

Постојат и марки кои се самолепливи. Некои од таквите марки е исклучително тешко да се одлепат од ковертот, а со споменатите методи речиси невозможно.

No comments: