Крај на светот

Кога имав десетина години од книгата „1000 зошто, 1000 затоа“ за прв пат се соочив со фактот дека еден ден планетата земја ќе ја снема. Дека еден ден сонцето ќе се претвори во црвен џин и ќе ја голтне земјата заедно со сè на неа. Поради ова неколку месеци по ред ме мачеше несоница.

На неполни две години дo 21 декември 2012 година, денот во којшто одреден број на луѓе тврдат дека ќе настапи крајот на светот, еве една вистинска приказна којашто неодамна ми ја раскажа татко ми. Во селото кадешто тој живеел едно од соседните семејствата почнало да тврди дека доаѓа крајот на светот и дека целото човештво ќе исчезне. Зошто така мислеле кој да знае? Било тоа во шеесетите години на минатиот век, па можеби има поврзаност со катастрофалниот земјотрес во Скопје. Не се работело за нешто со што сеирџиски сакале да ги плашат соселаните. Тие искрено верувале дека крајот на светот е близу. Како резултат на нивното убедување решиле барем последните денови да ги проживеат кралски. Во тек од неколку седмици ги заклале и изеле сите домашни животни, го испиле сето вино и ги изеле залихите од зимницата. Тие неколку недели ги поминале во константно гоштевање и безделничење. Јаделе и повеќе одошто им се јадело. Арно ама јадењето и пиењето се потрошиле, а светот и понатаму си бил ист и на истото место кадешто бил и претходно.

Не знам дали биле среќни или пак тажни откако осознале дека нивното верување за крајот на светот било безпричинско. Останале живи, ама и без храна.

Приказните за крајот на светот не се нова работа, нив ги има уште откако светот постои и ќе ги има додека тој не престане да постои. Досега сите се покажале како неточни. Сите ние бевме сведоци за предвидувањата за крај на светот во 1999, 2000 и 2001 година. Најверојатно и приказната за крајот на светот во 2012 година ќе биде неточна. Ако некој мисли спротивно од мене спремен сум да се обложам во сите пари што ги имам. И така ако е крај на светот нема да ми користат.

No comments: