Tuesday, November 09, 2010

Швајцарија на Балканот

Од филмот „Третиот човек“:

„Швајцарците имаа 500 години мир и демократија и што направија? Го измислија часовникот со кукавица.“

О зошто и нашите предци наместо 5 века османлиско ропство не измислеа таков часовник? Дали е до часовникот, овде времето постојано се враќа наназад. Или пак можеби е до кукавиците кои овде никогаш не биле на мода.

И денес времето се враќа, а историјата се повторува. Наместо секој четврток попладне да си ги депилираме задниците како останатиот цивилизиран свет, ние мораме да им докажуваме на сите дека името на нашата земја е Македонија и дека Македонците се посебна нација.

А тоа не ни носи никаква материјална корист. Никој нема да профитира ако Македонија се избори за своето име, ама сепак се бори со сè што има, а нема многу. Кој ќе изгуби ако Македонија се избори за своето име? Никој.

Името пари не го купуваат. Она што некому му е свето е над секакво земно богатство. И заради него е спремен на сè, затоа што е доцна да ги затвори очите за вистината што ја видел. И името е толку апстрактно како и слободата за која се бореле нашите предци, и неговата вредност не можат да ја сфатат сите исто како што не секој сака да е слободен.

Полесно е да се биде роб. Полесно е да робуваш на парите и да сакаш за 300 000 евра да си продадеш сè што треба да ти е свето. Некогаш ги предавале војводите и до ден денес не престанаа со развивање занаетот.

До кога Македонија ќе мора да живее бранејки се од инфантилноста на другите. До кога ние ќе сме заложници на туѓите психози. До кога историјата ќе се повторува. Уште ли времето ќе се врти во круг... и не по наша вина.

No comments: